Браќа Манаки

Само десет години по раѓањето на филмот во светските културни центри, браќата Јанаки и Милтон Манаки ја набавија набавија филмската камера Bioscope 300 и ги снимија првите филмски кадри на Балканот.

Нивното појавување во Битола не е случајно и нивните белези токму овде се повеќе мисија и хронологија на еден позначаен и посеопфатен потег на историјата. Тие не се само кинаматографери, фотографи, прикажувачи на филмови, тие се своевидни историски архивисти, собирачи на сите бескрајни пројави на животот. Нивната судбина, предодредена и поставена од севкупната генеза на овој град всушност е судбина на двајца мечтатели кои ја зачуваа севкупната бесмртност на човештвото видена низ сите нивни фотографски и филмски сликања со светлината.

Јанаки и Милтон Манаки со мајсторите што го градат фотоателјето во Битола (1904 г)
Јанаки и Милтон Манаки со мајсторите што го градат фотоателјето во Битола (1904 г)

Семејството Манаки

Јанаки Манаки во ученичка униформа на романскиот лицеј во Битола (1897 г)
Јанаки Манаки во ученичка униформа на романското средно училиште во Битола (1897 г)

Семејството Манаки потекнува од гревенското село Авдела, денешна Република Грција. Чифликсајбијата Димитрие и неговата сопруга Луша (Луција, Рушија), покрај синовите Јанаки и Милтон, имале и три ќерки Евантија, Василики и Стерјана.
Јанаки е роден на 18 мај 1878 и, по завршувањето на основното училиште во Авдела, се запишува во средно училиште во Битола кое го завршува во учебната 1896/97 година. Во 1898 година отвора свое фотографско ателје во Јанина каде што истата година е назначен за професор по калиграфија и цртање во Романската трговска гимназија.
Помладиот брат Милтон е роден на 9 септември 1882. По завршувањето на основно училиште во родното село, своето образование го продолжува во Романската гимназија во Јанина која набрзо ја напушта со незавршен втори клас. Се приклучува во работата на новоотвореното ателје на неговиот брат и за брзо време станува мајстор на фотографијата.

Доаѓање во Битола

Во периодот од 1898 до 1905 година, браќата Манаки често патувале и, фотографирајќи, посетиле повеќе од 40 населени места.

Во Битола, која во тој период била важен општествено-политички, трговски и културен центар, Јанаки имал широк круг пријатели од времето на неговото школување. Во 1904 година браќата Манаки купиле дуќан на главната улица Широк сокак и ангажирале мајстори за негово адаптирање во фото-ателје кое го отвориле во декември 1905 година.

Свадбена поворка снимена на денешна ул. Солунска, Битола 1904/05 г
Свадбена поворка снимена на денешна ул. Солунска, Битола 1904/05 г

Во Битола, која во тој период била важен општествено-политички, трговски и културен центар, Јанаки имал широк круг пријатели од времето на неговото школување. Во 1904 година браќата Манаки купиле дуќан на главната улица Широк сокак и ангажирале мајстори за негово адаптирање во фото-ателје кое го отвориле во декември 1905 година.
Во 1906 година на Големата изложба на фотографии во Букурешт добиле златен и сребрен медал и биле почестени со титулата дворски фотографи на кралот на Романија Карол I.

За време на нивната посета на Цариград, Јанаки го фотографирал Мехмед Решад кој по Младотурската револуција станува султан на местото на својот брат Абдул Хамид II.

Први филмски сниматели на Балканот

Образован и стручен во својата област, Јанаки фотографирал и многу други значајни личности и имал прилика да патува низ многу европски градови. За време на својата посета во Лондон (или Париз) ја купил камерата Bioscope No.300 производство на „Чарлс Урбан трејдинг компани“ (Charles Urban Trading Co.) со која во родното Авдела браќата ги снимиле првите „живи слики“ на Балканот. За навек ќе останат забележани нивната баба Деспина стара 113 години и група жени кои подготвуваат волна за предење.

Покрај со фотографска дејност, во Битола и околината Браќа Манаки се занимаваат и со снимателска активност и оставаат траен запис од поголем број панаѓури, свадби и верски обреди.

Парада по повод Младотурската револуција - 1908
Парада по повод на Младотурската револуција, Битола 1908 г

Во 1908 година ги снимаат и фотографираат настаните поврзани со Младотурската револуција. Фотографирани биле востаници и разни чети кои биле вклучени во манифестациите, а и Нијази Бег, водачот на Младотурската револуција.

Најзначајна година за филмскиот опус на браќа Манаки е 1911 кога создале три видеорепортажи: посетата на султанот Мехмед V Решад на Солун и на Битола, посетата на романската делегација на Битола и погребот на гревенскиот митрополит Емилијанос.

Султанот Мехмед Решад V во посета на Битола, 1911 г
Султанот Мехмед Решад V во посета на Битола, 1911 г

Балкански и Прва светска војна

Во 1912 година за време на Балканските војни го фотографирале влегувањето на Српската војска во Битола на чело со престолонаследникот Александар Караѓорѓевиќ.

Набрзо потоа започнува Првата светска војна и во 1915 година фотографираат бројни пози на кои се прикажани стравични сцени од воените дејствија во текот на Првата светска војна. По заземањето на Битола од страна на бугарската војска, Јанаки е затворен и интерниран во Бугарија каде што подоцна во Пловдив отвора фотографско ателје. Во тешки услови Милтон останува во Битола и продолжува со работа, но при бомбардирањето на градот е оштетено и нивното атејле и е уништена фотографската опрема.

Мајка со изгладнети деца, Битола 1915/16 г
Мајка со изгладнети деца, Битола 1915/16 г

Меѓу двете светски војни

По завршувањето на Првата светска војна, Битола бил практично уништен град од двегодишното бомбардирање, со голем број човечки жртви. Во 1919 година Јанаки се враќа во Битола и заедно со Милтон ја обновуваат работата на фотографското ателје.

Во Битола во тоа време владеела сиромаштија и, иако во прво време работата не им одела добро, полека работите се стабилизирале, а во исто време браќата размислувале и за проширување на нивната дејност.

Во 1921 година купуваат дворно место на Широк сокак со намера да изградат киносала и го основаат киното „Манаки“. Во летната бавча веќе во месец август е прикажана првата кинопроекција, а во пролетта 1922 година започнала и изградбата на објектот.

Проектот за новата кинозграда бил едноставен, но уште при самата градба се срушиле два ѕида, што создало нови финансиски тешкотии за Браќата Манаки кои веќе ги имале потрошено сите свои пари.

Со кредит од Хипотекарната банка и влог од новите партнери Коста Чому и Димитрие Георгиевски успеале да го завршат објектот и да ја набават потребната опрема за функционирање на киното. Со Коста Чому веќе имале добра соработка, особено во периодот од 1921 до 1922 година кога организирале многубројни кинопретстави на три места во градот: во салите на хотелите „Босна“ и „Америка“ и во кинобавчата „Манаки“.

Екскурзијанти од Германија кои со своите автомобили поминале пет континенти. Милтон Манаки е потпрен на автомобилот десно. Тумбе Кафе Битола 1920/1921 година.
Екскурзијанти од Германија кои со своите автомобили поминале пет континенти. Милтон Манаки е потпрен на автомобилот десно. Тумбе Кафе Битола 1920/1921 година.

Кино Манаки

Новоизградениот објект на киното „Манаки“ ги овозможувал сите услови за непречена работа. Бил добро опремен со неопходниот инвентар и во киносалата имало вкупно 373 седишта. На почетокот работата се одвивала нормално и биле правени иновативни напори за привлекување на публиката, но со текот на времето бројот на посетители на кинопроекциите почнал да се намалува што во 1925 година го довело во прашање рентабилното работење. Набргу се повлекле и партнерските сопственици и во 1927 година киното останало во целосна сопственост на Браќата Манаки кои веќе биле финансиски истрошени и со големи долгови. Во тој период, како во светот, така и во Битола, сѐ повеќе се чувствувала економската криза, а и притисокот на конкуренцијата, поради што полека се намалувала работата и во фотографското ателје.

Било тешко да се привлече публика и биле потребни посебни напори и иновативност за нејзино анимирање. Биле печатени специјални постери, кинопроекциите биле рекламирани на иновативен начин, а и самите проекции биле збогатувани со дополнителни содржини. Проекциите на неми филмови често биле придружувани од музички оркестри.
Светот во тој период запаѓал во сѐ потешка економска криза, се зголемувала конкуренцијата, а особено било ризично ракувањето со опремата што дополнително ја кревала цената на кинобилетите. Публиката постојано се намалувала, а ануитетите од Хипотекарната банка биле огромен финансиски притисок.

Во периодот 1928 – 1930 прилепчанецот Ристо Зерде, филмски артист по професија, го зел киното под наем и на почетокот успеал малку да ја подобри работата, но сепак не биле постигнати посакуваните резултати.
Поради нередовното исплатување на ануитетите кон Хипотекарната банка, финансиските проблеми на Браќата Манаки станувале сѐ поголеми и во 1933 година бил објавен стечај на киното со што банката го добила правото да располага со него.

Во 1937 година киното под наем повторно го презел Ристо Зерде кој со Хипетакарната банка склучил договор на 10 години со обрска да ја реновира зградата и да ја модернизира опремата. На почетокот работите полека се подобрувале, но во 1939 објектот бил зафатен од пожар при што изгорел до темел.

Долговите на сите доверители биле покриени од добиеното осигурување, но најголеми губитници биле браќа Манаки кои претходно имале продадено добар дел од својот наследен имот за да го изградат киното.

Опожарено кино Манаки, 1939 г
Опожарено кино Манаки, 1939 г

Втора светска војна

Пред почетокот на Втората светска војна, Јанаки се преселил во Солун каде што се школувал неговиот син Димитрие.

Милтон останал во Битола и во 1940 година ги фотографирал последиците од италијанското бомбардирање, а за време на фашистичката окупација и разни личности и настани.

Во 1944 година го фотографирал повлекувањето на бугрската војска, а на 4 ноември 1944 година влегувањето на борците на 7 Македонска ударна бригада во ослободена Битола, пречек кој бил организиран од граѓаните, а потоа ги фотографирал и настаните кои се случиле подоцна.

По ослободувањето

Манифестации по повод ослободувањето на Битола, 4 ноември 1944
Манифестации по повод ослободувањето на Битола, 4 ноември 1944

Јанаки овојпат не се вратил повторно во Битола, туку останал во Солун каде што на 14 декември 1947 година починал неговиот син, а седум години подоцна, во 1954 г. на непознат датум починал и Јанаки Манаки.

Милтон Манаки со камерата Bioscope 300

Милтон продолжил да твори и да работи во Битола и бил почесен фотограф на многу значајни личности кои го посетувале градот како што бил претседателот на Југославија, Јосип Броз Тито. Изнемоштен од шеќерна болест и во поодминати години активно се вклучил во дешифрирање на предадениот фотоматеријал во подрачното одделение на Државниот архив во Битола.

Починал на 5 март 1964 година.

Познати како првите балкански кинематографери, браќата Јанаки и Милтон Манаки го вградиле сето свое знаење и несебична љубов во регистрирањето на голем спектар од настани и личности.

Во период од шеесет и шест години, во кој се одиграа важни историски настани, како вистински пионери во сферата на фото и видеодокументаристиката, Браќата Манаки оставија богат фото и видеоматеријал, со огромна архивска и уметничка вредност.

Во нивна чест од 1979 година во Битола се одржува Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ кој е првиот и најстар светски филмски фестивал посветен на креативноста на светските кинематографери.

Творештво

Познати како првите балкански кинематографери, браќата Јанаки и Милтон Манаки го вградиле сето свое знаење и несебична љубов во регистрирањето на голем спектар од настани и личности.

Нивната предодреденост, нивната појава преку „сликањето со светлината“ да ги дофатат сите случувања во балкански и европски рамки е редок пример на храброст, верба и целосна посветеност. Двајцата браќа титански се соочуваат со епските контрасти на животот и смртта кои се среќаваат токму во оваа просветлена европска точка, сликајќи ја сизифовската вечна борба да се дофати светлината на небото наспроти сите мракови кои како поплави доаѓале со вековите кои Балканот го гушеле сурово, неправедно и безмилосно.

Тие оставиле богат и значаен филмски и фотографски опус од преку 7.715 стаклени плочи негативи, 2087 план филмови, 8711 рол филмови и 17854 фотографии, кои заедно со нивната Камера 300 се чуваат во Архивот на Битола.
Целокупниот зачуван видео материјал кој е групиран во 42 наслови, се чува во Кинотеката на Република Северна Македонија.