Аптеката на Ахил Чаловски „Кај Рибарниците“
За време на отоманското владеење целокупниот здравствен систем на Балканот се наоѓал во исклучително лоша состојба. Во дејноста подготовка и продажба на лекови владеел посебен хаос. Секој правел и продавал што сака при што биле правени многу злоупотреби. Во градовите биле отворани дуќани т.н. „ахтарници“ во кои биле приготвувани и продавани разни лековити тревки, мевлеми, прашаци и слично кои биле еден вид претходници на модерните аптеки на Балканот.
Со продорот на културните идеи од Запад, оваа дејност постепено почнала да се регулира, па ахтарниците полека се заменувале со аптеки кои делувале и како мали здравствени установи во кои се организирале првите лекарски ординации и лаборатории.
Првите аптеки на Балканот се отворени во 1840 година во Битола и во Солун и биле во сопственост на странски аптекари. Дел од лековите во тој период се приготвувале локално, но исто така започнал и увозот од развиените европски земји, особено од Англија. Во Битола, која во тој период била важен административен и воен центар, се развила и аптекарската дејност и веќе во 1914 година градот имал 14 аптеки, меѓу кои и таа на Ахил Чаловски.
Ахил Димитријевиќ – Чаловски бил роден во Битола во 1887 година. По завршувањето на средното гимназиско образование, својата надоградба ја продолжува на аптекарскиот отсек на Американскиот универзитет во Бејрут. Со полагањето пред испитна комисија од професори на Медицинскиот факултет во Цариград, на 7 септември 1910 година се стекнува со право на титулата аптекар и истата година ја отвора аптеката во Битола.
Во аптеката на Ахил Чаловски работел и неговиот брат Петар Чаловски како аптекарски помошник, а прегледи вршеле и д-р Дракопулус, воен лекар, доброволец во српската војска роден во Смирна и д-р Продром Папа Симеон.
Во 1916 година, за време на Првата светска војна, Ахил бил интерниран во Бугарија. Аптеката продолжила да работи под раководство на Петар Чаловски.
Тој ги немал потребните квалификации, но поради лошата здравтвена состојба на населението во Битола во тој период му било дозволено да продолжи да ја раководи аптеката. Со завршувањето на Првата светска војна во 1920 година на Петар му е одземена дозволата за работа и аптеката е затворена до 1921 година кога Ахил се враќа од Бугарија.
Во 1926 година аптеката е преместена „во друга зграда на истата улица, преку мостот на реката Драгор“, локација каде што Ахил работел до своето пензионирање и каде што до скоро време работеше аптеката позната како Ахилеа.
3Д модел
-
Како до локацијата
Објектот е сместен во Старата чаршија во центарот на Битола и е лесно пристапен од сите страни.
-
Паркинг
На 50 метри од спротивната страна на реката Драгор
-
Пристапност
Објектот е пристапен единствено од надворешноста