Јени џамија - Битола
Јени џамија е изградена во 1558/59 год. од Кади Мехмед ефенди кој бил битолски кадија во 1551-1552 год.
Иако е помала од соседната Исак џамија, она што ја издвојува оваа џамија од останатите на Балканот е нејзиниот ентериер. На внатрешниот портал има фајансови плочи со уникатна уметничка изработка по потекло најверојатно од Далечниот Исток. Внатрешноста, пак, особено во мимбарот и аглите на сите страни содржат своевидни таканаречени сталактити кои се извонредно изведени, најверојатно од мајстори од Истанбул, а што е најнеобично со елементи и одредени асоцијации кои носат одредени блиски линии и волумени на готичката архитектура. Севкупниот ентериер на Јени џамија сѐ уште е тајна недоволно дешифрирана, создавана од најистакнати градители од Цариград.
Уметниците сликари кои работеле во беспрекорна калиграфска стилистика, најверојатно биле дојдени од Цариград, бидејќи поголем дел од калиграфските сликарски елементи имаат своја аналогија со најистакнатите џамии од престолнината. Секој знак, секоја калиграфска линија е своевидно цитирање, симболично и стилизирано на Куранот.
Некогаш и денес
Јени џамија споменик кој има свои релации со најистакнатите архитектонски споменици на Отоманската Империја.
Јени џамија се користи како верски објект до Втората светска војна, а подоцна била прилагодена во уметничка галерија. Денес објектот е археолошки локалитет во кој се ископуваат темелите на три христијански цркви.
-
Како до локацијата
Објектот е сместен во центарот на градот и е добро пристапен од сите страни. Во околината на објектот има паркинг за обични возила. Посета на внатрешноста на објектот не е можна.
-
Паркинг
Околу објектот има неколку паркинг-зони на кои можат да се паркираат лесни возила.
-
Пристапност
Само од надворешноста