Офицерски дом Битола

Видео на знаковен јазик

Изградбата на Домот на армијата или Офицерскиот дом започнала во 1909 година и се верува дека проектот бил дело на архитекти од Австрија и од Италија, а на изградбата работеле локални мајстори.

Всушност, и архитектите, и оние коишто со љубов го замислиле овој објект оставиле во него, во неговото оживување, верба во средбата на Истокот и Западот во еден поинаков „рајски“ свет. Објектот е синтеза на повеќе стилови и хармонично спојување на елементи и симболи пренесени од исток и од зaпад. Започнат да се гради за потребите на турските офицери, не успеал да биде завршен во нивното време.

Офицерски дом Битола

Концептот за овој објект бил замислен како синтеза на тврдина и палата. Тврдината може да се забележи во композицијата на објектот, преку појава на „кули“ и декоративни топови, додека палатата се забележува во нејзината грандиозност и елеганција преку високите плафони и прозорски отвори.

Српски војници фотографирани во близина на Офицерски, 1913 г
Српски војници фотографирани во близина на Офицерски, 1913 г

Набрзо по почетокот на градбата Битола ја зафатиле балканските војни и Првата светска војна со што биле запрени сите активности и објектот претрпел извесни оштетувања. Бил довршен по завршувањето на Првата светска војна и ѝ служел на елитата на повеќе војски, како палата за свечени приеми, за балови, за забава, за кино-проекции и сл. Во салата за балови бил донесен луксузен лустер од скопскиот Офицерски дом кој беше урнат во земјотресот 1963 година.

Офицерски дом фотографиран 1933 г
Офицерски дом фотографиран 1933 г

По напуштањето на објектот од страна на АРМ фасадата беше реновирана, но објектот никогаш повторно не беше ставен во функција. Беше употребен за снимање во неколку филмови, во внатрешноста и дворот беа организирани различни манифестации, но не се најде трајно и одржливо решение по што Офицерскиот дом стана запуштена руина.

Во 2020 година од страна на Општина Битола со помош од ЕУ и Светската банка е започнат процес на комплетна реконструкција.

  • Како до локацијата

    Објектот е сместен на најпрометната пешачка улица Широк сокак.

  • Паркинг

    Платен паркинг од задната страна на објектот

  • Пристапност

    Објектот е поседува лифт-кар за инвалидски колички. Повеќе информации во самиот објект.

Локација