Католичка црква „Пресвето Срце Исусово“ Битола
Основач на католичката парохија во Битола бил Јозеф Лепавек кој во 1857 година го купил хотелот Локанда на Широк сокак. Во објектот бил направен мал параклис каде што на Велигден во1857 година била отслужена првата Божествена литургија.
Во 1870 година на истата локација била изградена нова црква во барокен стил која била опожарена во 1900 година, а денешниот објект е изграден во неоготски стил во 1909 година. Планот за изградба бил дизајниран од француски архитект, но реализиран од локални мајстори.
На Широк сокак, кој од почеток до крај бил оформен со специфични куќи нанижани во една логична визура кои никогаш не ја надминувале вертикалата како висина која му припаѓа на духовното, заедно со минарињата на двете џамии и ѕвоникот на црквата Св. Константин и Елена, била изградена уште една вертикала, вертикалата на готичката тајна.
Главниот олтар од костеново дрво во готски стил бил изработен во Минхен, Германија. Останатите два помали олтари биле изработени во новоготски француски стил. Новиот олтар како и амвонот биле изработени во 1975 год. од ореово дрво, а ги изработил Ѓорѓи Караџов.
Камбанаријата на црквата која била подарок од словенечките верници била изградена во периодот од 1938 до 1940 год.
Денес Католичката црква продолжува да им служи на верниците во битолскиот регион и со гордост стои како една од главните туристички атракции во Битола.
-
Како до локацијата
Објектот е сместен на најпрометната пешачка улица Широк сокак.
-
Паркинг
Платен паркинг на плоштад Гоце Делчев на 50 метри од објектот
-
Пристапност
Само од надворешноста на објектот