Археолошки локалитет Хераклеа Линкестис

Видео на знаковен јазик

Античкиот град Хераклеа Линкестис е формиран во средината на IV век п.н.е. од страна на Филип II Македонски. Името го носи според митскиот јунак Херакле, додека пак епитетот Линкестис доаѓа од називот на регионот Линкестида во кој се наоѓал градот, а во кој живеело древното македонско племе Линкестиди.

Во средината на II век п.н.е. Римјаните ја освоиле Македонија и ја поделиле на четири области. Хераклеа ѝ припаднала на четвртата област и доживеала извесен просперитет поради тоа што била важна попатна станица на познатиот пат Виа Егнација кој ги поврзувал пристаништата во Драч и во Босфор.

Хераклеа Линкестис

Античкиот град Хераклеа Линкестис е единствен по неколку уникатни, неповторливи проблесоци на човечката цивилизација, а тоа се остатоците од Римскиот период: античкиот театар, базиликите од ранохристијанското време, монументалните и единствени ранохристијански мозаици на Балканот и во историјата на уметноста воопшто.

Хераклеа Линкестис

Во Хераклеа Линкестис се забележуваат низа стилови кои се карактеристични за светското културно наследство во најафирмативна смисла: хеленистички градителски наслаги, објекти градени во духот и стилот на римското време како и низа објекти и споменици од ранохристијанскиот период.

Животот во Хераклеа замира кон крајот на VI век н. е. кога, со доселувањето на словенските племиња, се формираат нови урбани центри во кои полека се населува и староседелското население.

Денес Хераклеа Линкестис е локалитет во којшто во континуитет се вршат археолошки ископувања, а воедно е отворен и за посетители. Реконструираниот антички римски театар е во одлична состојба и во летниот период се користи за одржување различни културни манифестации.

  • Како до локацијата

    Античкиот локалитет Хераклеа Линкестис се наоѓа во близина на Државниот пат А3 кој, преку граничниот премин Меџитлија, ја поврзува Битола со Република Грција. До локалитетот води улицата „Буковска“ која на места е тесна поради што за автобуси и поголеми возила се препорачува користење на делницата во близина на т.н. Буковски мост.

  • Паркинг

    Бесплатен паркинг веднаш пред влезот во локалитетот со место за паркирање и за автобуси

  • Пристапност

    Археолошкиот локалитет моментално не е пристапен за лица во инвалидска количка. Моментално се работи на овозможување на пристапноста на античкиот театар.

  • Работно време

    - секој ден
    - април – октомври: 09:00 – 18:00 ч,
    - октомври – март: 09:00 – 16:00 ч;

  • Контакт:

    НУ „Завод и музеј“ - Битола +389 47 233 187 +389 47 229 525 info@muzejbitola.mk

Локација