Црква Св. Димитрија - Битола

Видео на знаковен јазик

Црквата Св. Димитриј е подигната во 1830 година на местото на некогашниот стар параклис кој изгорел во пожар. Изградена е со посебно одобрение на отоманските власти, од доброволните прилози на месните трговци и занаетчиските еснафи од Битола.

Св. Димитрија Битола

Црквата е градена во форма на трикорабна базилика со странични галерии над крајните кораби. Засведена е со рамен таван кој се потпира на два реда колони симетрично поставени, чија дрвена конструкција е покриена со малтер, така што создава илузија на мермерна оплата. Капителите имаат изглед на пресечена пирамида поставена во тесниот дел надолу.

Црквата Св. Димитрија се вклопува во урбанистичкиот комплекс на двете џамии и градскиот часовник, како четврт елемент. Таа е на јужната страна и е како своевидна архитектонска симболика на светлината.

Во својот ентериер црквата поседува високи и елегантни столбови, огромен таван на кој во позлатен медалјон е насликан Исус Христос. Таа е храм со импозантни елементи во сликарството и резбата.

Св. Димитрија Битола

На исток е поставен грандиозен иконостас кој е еден од најголемите на Балканот. Иконостасот е поделен хоризонтално и вертикално на три делови споени во една целина. Работен со беспрекорна прецизност, трпение и посветеност, овој уметнички совршен црковен елемент го докажува исклучителното мајсторство на дрворезбарската тајфа која поседувала не само огромен талент, туку и знаење затоа што иконостасот на црквата Св Димитрија е своевиден балкански барок кој покажува и докажува дека допирите со Европа биле директни, творечки и инспиративни.

По својата големина на ентериерот, по големината на иконостасот, по тајните на западниот влез и фреските околу западната влезна порта, како и по различните надгробни римски стели во дворот на самата црква, овој верски објект е пример за христијанска архитектура која се среќава во најзначајните црковни и градски центри со православна вероисповест.

Таа е своевидна катедрала во која архитектурата, вајарството и сликарството се споени во раскошна и величествена целина изведена со многу талент и љубов.

  • Како до локацијата

    Објектот е сместен во центарот на Битола

  • Паркинг

    Околу објектот има неколку паркинг-зони на кои можат да се паркираат лесни возила.

  • Пристапност

    Објектот не е пристапен за инвалидска количка