Кино Манаки

По завршувањето на Првата светска војна, Битола бил практично уништен град од двегодишното бомбардирање, со голем број човечки жртви. Во 1919 година Јанаки Манаки се враќа во Битола од Пловдив Бугарија каде бил интерниран и заедно со својот брат Милтон, ја обновуваат работата на фотографското ателје.
Во Битола во тоа време владеела сиромаштија и, иако во прво време работата не им одела добро, полека работите се стабилизирале, а во исто време браќата размислувале и за проширување на нивната дејност.

Во 1921 година купуваат дворно место на Широк сокак со намера да изградат киносала и го основаат киното „Манаки“. Во летната бавча веќе во месец август е прикажана првата кинопроекција, а во пролетта 1922 година започнала и изградбата на објектот.

Јанаки и Милтон Манаки со мајсторите што го градат фотоателјето во Битола (1904 г)
Браќата Милтон и Јанаки (прв и втор лево) со мајсторите кои го ѕидале фотографското ателје

Проектот за новата кинозграда бил едноставен, но уште при самата градба се срушиле два ѕида, што создало нови финансиски тешкотии за Браќата Манаки кои веќе ги имале потрошено сите свои пари. Со кредит од Хипотекарната банка и влог од новите партнери Коста Чому и Димитрие Георгиевски успеале да го завршат објектот и да ја набават потребната опрема за функционирање на киното.

Со Коста Чому веќе имале добра соработка, особено во периодот од 1921 до 1922 година кога организирале многубројни кинопретстави на три места во градот: во салите на хотелите „Босна“ и „Америка“ и во кинобавчата „Манаки“.

Кино Манаки во изградба

Новоизградениот објект на киното „Манаки“ ги овозможувал сите услови за непречена работа. Бил добро опремен со неопходниот инвентар и во киносалата имало вкупно 373 седишта. На почетокот работата се одвивала нормално и биле правени иновативни напори за привлекување на публиката, но со текот на времето бројот на посетители на кинопроекциите почнал да се намалува што во 1925 година го довело во прашање рентабилното работење. Набргу се повлекле и партнерските сопственици и во 1927 година киното останало во целосна сопственост на Браќата Манаки кои веќе биле финансиски истрошени и со големи долгови. Во тој период, како во светот, така и во Битола, сѐ повеќе се чувствувала економската криза, а и притисокот на конкуренцијата, поради што полека се намалувала работата и во фотографското ателје.

Било тешко да се привлече публика и неопходни биле посебни напори и иновативност за нејзино анимирање. Биле печатени специјални постери, кинопроекциите биле рекламирани на иновативен начин, а и самите проекции биле збогатувани со дополнителни содржини. Проекциите на неми филмови често биле придружувани од музички оркестри.

Светот во тој период запаѓал во сѐ потешка економска криза, се зголемувала конкуренцијата, а особено било ризично ракувањето со опремата што дополнително ја кревала цената на кинобилетите. Публиката постојано се намалувала, а ануитетите од Хипотекарната банка биле огромен финансиски притисок.

Во периодот 1928 – 1930 прилепчанецот Ристо Зерде, филмски артист по професија, го зел киното под наем и на почетокот успеал малку да ја подобри работата, но сепак не биле постигнати посакуваните резултати.
Поради нередовното исплатување на ануитетите кон Хипотекарната банка, финансиските проблеми на Браќата Манаки станувале сѐ поголеми и во 1933 година бил објавен стечај на киното со што банката го добила правото да располага со него.

Во 1937 година киното под наем повторно го презел Ристо Зерде кој со Хипетакарната банка склучил договор на 10 години со обрска да ја реновира зградата и да ја модернизира опремата. На почетокот работите полека се подобрувале, но во 1939 објектот бил зафатен од пожар при што изгорел до темел.
Долговите на сите доверители биле покриени од добиеното осигурување, но најголеми губитници биле браќа Манаки кои претходно имале продадено добар дел од својот наследен имот за да го изградат киното.

Опожарено кино Манаки, 1939 г
Опожарено кино Манаки, 1939 г

Денешното кино „Манаки“ е изградено на приближна локација од некогашното и е нов објект на културата во Битола, кој се очекува наскоро да профункционира.

  • Како до локацијата

    Објектот е сместен на најпрометната улица во Битола - Широк Сокак, наспроти Хотел Епинал

  • Паркинг

    На 150 метри од објектот - плоштад Гоце Делчев

  • Пристапност

    Објектот е пристапен единствено од надворешноста

Прочитајте повеќе...