Стара чаршија - Битола
Најстариот вакаф во Битола бил на Сунгур -Чауш Бег формиран во раниот 15 век. Тогаш изградените објекти: џамијата, медресата, мектебот, имаретот, анот ќе го обележат зачетокот на битолската чаршија. Таа е срцето на градот, со многубројни улички, дуќани, магази и работилници каде што се работело по принципот една уличка – еден занает.
Во тоа време се распознаваат и повеќе од 30 наменски пазари: Ат-пазар, Пекмез-пазар, Мас- пазар, Дрвен пазар итн.
Во 1836 година Битола станува главно седиште на Румелија и тоа е периодот кога чаршијата го живее својот најголем процвет со над 2500 дуќани, магази и работилници групирани во 30 чаршии со 75 еснафски организации.
Денес Старата чаршија во Битола е можеби една третина од нејзината севкупност. Таа се простирала до градскиот часовник и поназапад.
Бројните патеписци ја споредуваат со истанбулските чаршии. Се смета дека првобитната била најголема на Балканот.
Нејзините таканаречени сокаци и отоманска архитектура навидум со улици кои се кривулести, подзатскриени, всушност, се намерен градителски и урбанистички „хаос“ создаден за да се избегне монотонијата и депримираноста на праволинискиот урбан концепт.
Чаршијата изобилувала со изненадувања, таинствени дуќанчиња, уште потаинствени приказни, легенди за животот, за случувањата, за работењето, за севкупното секојдневие прогледано со многу разноликост, шаренило и специфична убавина во слава на животот.
Тајната на чаршијата е, всушност, тајната на животот – непредвидлив, разнолик, богат со случувања, со ликови, карактери, со размени, со дијалози.
За битолската чаршија и нејзината генијална урбанистичка целина има пишувано и нобеловецот Иво Андриќ во расказот Приказна за везировиот слон, зборувајќи за неа како за најзначајната попатна станица по Станбол.
-
Како до локацијата
Старата чаршија е сместена во центарот на Битола и е лесно пристапна од сите страни.
-
Паркинг
Во зависност од локацијата која сакате да ја посетите, постојат неколку обележани паркинг зони.
-
Пристапност
Чаршијата е пристапна скоро од сите страни.