Пивница Балкан

Видео на знаковен јазик

Битола е град кој е вечна инспирација за уметниците и еден од најопеаните градови на Балканот. Она што денес е Широк сокак, некогаш биле Дембел-чаршија и Пекмез-пазар, односно пазари каде што битолчани уживале во добрата дружба, муабет, храна и пијалаци.

Првата пиварница е отворена во близина на село Буково во 1890/91 година. Имала капацитет од 600 хектолитри, но поради недостиг на магацински простор и услови за складирање на пивото, нејзиниот капацитет не бил искористен во целост. Исто така, недостатокот од квалификувана работна сила и конкуренцијата од пивницата од Солун, довеле до затворање на пиварата во 1895 год. Во тој период била отворена и пивница во село Магарево која, исто така, била со краток век.

Во историските извори се спомнува уште една пиварница во Битола која работела во 1904 година за чиишто потреби било организирано производство на мраз во селата Ореово и Злокуќани.

Едно од омилените места за уживање во тој период била реката Драгор и познатата Дембел- чаршија која била лоцирана спроти денешниот Основен и апелационен суд во Битола. Тука гостите преку целиот ден во друштво се излежувале, уживале во свежината на реката, пиеле чај и кафе со локум и играле табла. Цел ден се седело, ништо не се работело и само се уживало, па така и гостите биле наречени „дембели“ од каде што доаѓа името на чаршијата. На почетокот на 20 век се отвориле и меани во коишто се служел и алкохол, а често дембелите во придружба на музика и со пајтони се враќале дома во доцните вечерни часови.

Чаршијата во тој период била со далеку поголеми димензии во споредба со денешната и вакви и слични места за разонода биле отворани на разни локации.

Објектот денес е сместен на Бул. 1 Мај, 288, а во минатото бил познат и како хотелот на Сотир Здравковски или хотелот на „Тиро Рогозинаро“. Оваа доминантна градба на два ката со визбени и приземни простории, најверојатно е изградена во последните децении од османскиот период.

Хотелот бил познат и како хотел „Балкан“, а за време на бугарската власт како хотел „Загреб“. Кога хотелиерството паднало во криза и Сотир се преориентирал на меанџилак, веројатно во тој период тука била и познатата пивница „Балкан“.

Во 1943 год. по капитулацијата на Италија тука биле сместени италијански заробеници, а потоа и чета од партизанската војска. Нешто подоцна го користеле и бегалци од Егејска Македонија. Во првите години по Втората светска војна објектот бил национализиран.

  • Како до локацијата

    Објектот е сместен во Старата чаршија во центарот на Битола и е лесно пристапен од сите страни.

  • Паркинг

    На 20 метри од објектот

  • Пристапност

    Објектот е пристапен единствено од надворешноста