Безистен - Битола

Видео на знаковен јазик

Со бројните куполи со кои наликува на тврдина, со трите внатрешни улички и со четирите големи метални порти, тој е еден од најголемите покриени пазари во регионот. Во периодот од изградбата, па сé до XIX век, кој честопати бил доградуван и преградуван со дуќани во кои се продавале текстил и скапоцени ткаенини. Тој воедно претставувал и своевиден трезор каде што во посебни делови се чувале парите од даноците од целиот румелиски вилает пред да бидат однесени во царската благајна.

Безистенот е изграден во XV век од страна на румелискиот Беглер-бег, големиот везир и познат ктитор Кара Даут-паша Узунчаршили.

Безистен - Битола

Денес Безистенот е уреден како современ продажен простор со многубројни дуќани во кои се продаваат најразлични стоки. Сепак, и покрај сите внатрешни трансформации, надворешниот изглед на Безистенот останал речиси непроменет.

Иако безистенот е место за трговија, за пазарење, за материјалното опстојување, што е всушност и еден од елементите за опстанокот на еден град, тој е и своевидно потсетување или споредување со големите истанбулски пазари.
Тоа е градба која не се среќава често на Балканот.

Безистен - Битола

Граден е со чист архитектонски израз, избегнато е долгото, праволиниски движење низ еден засводен ходник, а вештиот архитект намерно избрал повеќе внатрешни ходници преку кои сакал да ја преслика чаршијата со своите многубројни улички. На таков начин, тој многу вешто и мудро ја избегнал монотонијата на движењето и пазарењето по еден долг ходник, создавајќи кај купувачите љубопитност во смисла „што има во овој или во оној ходник, какви производи се продаваат во дуќаните што не се видливи при влегувањето во објектот“. Оваа испровоцирана љубопитност е вистинска маркетиншка психолошка пропаганда која го поттикнува купувачот да истражува, да согледува, да пребарува, да добива поголема желба за купување и пазарење.

Внатрешноста на Безистенот фотографирано во почетокот на XX век

Овој архитектонски психолошки момент се користи и пет века подоцна. Денес речиси сите трговски центри ги имаат елементите на безистенот: не долги праволиниски трговски ходници туку скршнување лево – десно, со нови ходници. Безистенот неколку века порано е предвесник на современите урбани трговски простори, па дури и на аеродромските засводени простори. На некој начин преку безистенот, онаков каков што е изграден во Битола може да се следи историјата и развојот на архитектурата во современите метрополи.

Безистен - Битола

Сместен во центарот на градот, тој всушност бил центарот на битолската чаршија. Неговите различни влезови, всушност, претставувале еден вид поврзаност со сите страни на огромната и богата битолска чаршија.

Единственоста на овој објект е и куполното осветлување кое, не само што овозможувало јасно и чисто светло, туку значело и избегнување на сенки или темни агли во кои не би можела да се види добро изложената стока.

  • Како до локацијата

    Објектот е сместен во центарот на Битола и е лесно пристапен од сите страни.

  • Паркинг

    Во непосредна близина има паркинг за обични возила

  • Пристапност

    Пристапна рампа од источната страна на објектот