НУ „Завод и музеј“ - Битола

Видео на знаковен јазик

Објектот во кој денес е сместен НУ „Завод и музеј“ – Битола познат и како „Стара касарна“ бил изграден во 1848 година со намена да служи како средно воено училиште „Идадие“. Најверојатно е проектиран од цариградски архитекти, а sидан од локално население како комплексена градба со правоаголна форма и централен отворен двор – пацио. Објектот е изграден во стилот на смирена неоренесанса.

Воената турска академија на разгледница од 1908 г
Воената турска академија на разгледница од 1908 г

Овој објект денес е редок сведок за копнежот, замислата и конструирањето на една поголема градителска целина со која, по Цариград, Битола требало да прерасне меѓу позначајните центри на Отоманската Империја.  Заедно со двете огромни касарни (Црвена и Бела кои денес се уништени) овој објект бил поврзан во една заедничка целина како дел од сериозно изработен урбанистички концепт, карактеристичен за поголеми метрополи. Со објектите како што се: Офицерскиот дом, Военото училиште, Црвената и Белата касарна, Џепането, јужниот дел на Битола добил визура и конкретност во корелација со истанбулските градежни зафати.

Касарните во Битола за време на Балканските војни
Поглед од ридот Тумбе Кафе кон Црвената и Белата касарна (денес не постојат) и зградата во која денес е сместен Музејот. Фотограрирано - почеток на XX век

Во периодот од 1896 до 1899 година тука се школувал и живеел великанот и таткото на модерна Турција, Мустафа Кемал Ататурк. Подоцна, во 1909 училиштето е трансформирано во институција од повисок ранг и станува воена академија – Харабие. По балканските војни, до 1974 година објектот имал воена намена, па оттука доаѓа и името „Стара касарна“.

Од 1983 оваа зграда е адаптирана во музеј кој чува над 100 000 експонати од кои дел се сместени во постојаната музејска поставка.

На музејски простор од околу 700 метри квадрати е сместена репрезентативна музејска поставка која го презентира богатото културното наследство на Пелагонискиот Регион. Почнувајќи од четири фрагменти од долна вилица на мамут стар 10 милиони години, преку артефакти од неолит, антика, ранохристијанство, Среден век, балканските и двете светски војни, конзулска, сѐ до модерна Битола.

Музејот ја добива својата посебна вредност преку спомен-собата посветена на животот и делата на Мустафа Кемал Ататурк.

НУ Завод и музеј Битола
  • Како до локацијата

    Објектот е сместен на најпрометната пешачка улица Широк сокак. Во близина има голем паркинг каде што можат да се паркираат автобуси и други возила, а на околу 200 метри, на улица „Партизанска“ се наоѓаат автобуските постојки за јавниот превоз.

  • Паркинг

    Платен паркинг на 100 метри од објектот за нормални возила и автобуси

  • Пристапност

    Објектот е пристапен за лица во инвалидска количка со помош на лифт-кар

  • Работно време

    - секој ден
    - април – октомври: 09:00 – 18:00 ч,
    - октомври – март: 09:00 – 16:00 ч;

  • Контакт:

    НУ „Завод и музеј“ - Битола +389 47 233 187 +389 47 229 525 info@muzejbitola.mk

Фото галерија

Локација