Саат кула
Според расположивите податоци, постоење на саат кула во Битола се споменува за првпат 1664 година, но нема подетални информации околу нејзината местоположба или пак изглед. Во објавените написи на повеќе патеписци кои престојувале во Битола во XVII и XVIII век, не постојат записи за постоењето на саат кула, за разлика од записите за џамиите и нивните минариња кои често се спомнуваат. Така во недостаток на попрецизни информации, се смета дека денешната Саат-кула била изградена во исто време со блиската црква Св. Димитриј некаде околу 1830 година.
Положбата на Саат кулата не е случајна. Таа била сместена во централниот дел од градското подрачје, како врска помеѓу Широк Сокак и дел од пазарите кои постоеле во тој период. Саат-кулата била сместена во срцето на Пекмез пазар, место каде се продавале различни ориентални десерти како баклава, кадаиф, пекмез, локум, слатко, мед и сл, но кој воедно бил и место за разонода и каде биле сместени најубавите слаткарници, кафеани и чајџилници во градот.
Според легендата, отоманските власти собрале околу 60.000 јајца од околните села, кои биле употребени во малтерот при изградбата на Саат-кулата, со што сметале дека ѕидовите ќе бидат многу поцврсти.
Саат-кулата била наменски изградена со една единствена функција: мерење и покажување на времето, кое до моментот на поставување на првиот саатен механизам со бројчаник, било означувано на традиционален начин, со удари во поставеното ѕвоно на врвот на кулата.
До 1912 година времето било означувано по „a la turca“, односно часовите се одбројувале од моментот на заоѓањето на сонцето. По 1912 година е воведено современо сметање на времето.
Првиот бројчаник и саатен механизам биле произведени од германската компанија “Konfage” и биле поставени во 1927 година, а подоца во 1936 година бил поставен сегашниот механизам кој бил подарок од Германија, во знак на благодарност кон градот Битола, за изградбата на Спомен-гробницата на германските војници загинати во Првата светска војна.
Музичкиот механизам бил обновен во 1962 година од страна на истата германска фирма, а во 1970 година била поставена нова клавијатура која што овозможувала да се свират и други композиции покрај тие снимени на посебни ленти.
Во текот на обновата од 2009 година, бил обновен и самиот часовнички механизам, кога помогнале и германски стручњаци. Со репарацијата на механизмот се изгубиле дел од песните, а останала да се слуша само песната „Битола мој роден крај“.
-
Како до локацијата
Објектот е сместен во центарот на градот и е добро пристапен од сите страни. Посета на внатрешноста на објектот не е можна.
-
Паркинг
Околу објектот има паркинг за обични возила.
-
Пристапност
Да, само од надворешноста на објектот