Битолската тврдина - Џепане
Битолската тврдина – Џепане (тур. cephane – барутана, склад за муниција) е една од најубавите градби во Битола. Изградено во 1876 година Џепането се состои од четири независни објекти изградени од делкан камен оградени со висок ѕид.
Објектот се смета за врвно архитектонско остварување на смилевските мајстори и бил сместен во непосредна близина на Црвената и Белата касарна кои се наоѓале во денешниот градски парк. За време на Првата светска војна сите овие воени објекти биле тешко оштетени, но за разлика од касарните, Џепането опстојало и подоцна било реновирано.
За време на ЈНА (Југословенска народна армија) и подоцна АРМ (Армија на Република Македонија) овој објект повторно добил воена намена и се чувал како воена тајна, заштитен со стражарници, бодликава жица и челични порти. Интересни се и големиот број громобрани кои го опкружуваат овој објект како еден вид друга заштита – против природните влијанија.
Покрај необичната внатрешност Џепането поседува архитектонски елементи, особено на фасадата која содржи готски и барокни елементи.
-
Како до локацијата
Објектот е сместен на ридот Тумбе Кафе, кој е омилено место за рекреација на локалното население. Внатрешноста на објектот е затворена и не е можна посета. До непосредна близина на објектот води асфалтен пат.
-
Паркинг
Моментално нема паркинг простор, но постои можност за паркирање на возилата по краевите на патот
-
Пристапност
Не е пристапно